Home » Прекрасни совети за ПОСТПАРТУМ искуствата … Со љубов од една мајка до друга.

Прекрасни совети за ПОСТПАРТУМ искуствата … Со љубов од една мајка до друга.

by mamma.mk

Прекрасна приказна за постпартум искуството на една наша мамичка…

Постартум е период кој по дефиниција треба да трае 6 недели по породувањето. Но, како и многу работи што се индивидуални во бременоста, така и четвртиот триместар е различен за секоја жена. Зошто е толку различен за сите? Бидејќи е триместар на преголеми емоции, големи физички промени и предизвици. Мојот постпартум траеше 4 месеци и конечно можам да кажам дека го “фатив” редот. Кој ме познава знае дека за секоја тема во животот сакам да влезам подготвена и со позитивна мисла. Низ бременоста имав предизвици, но со читање и со советите на стручни лица помина се како што треба. При крајот на истата го следев курсот за трудници и се едуцирав за породувањето и слушајќи ги советите и насоките помина како песна. Се едуцирав и за периодот кој следи со грижата за новороденче, и сега гледам дека и тоа многу ми помогна и веднаш знаев како да се грижам физички за моето бебе.
Но, најмалку бев подготвена за моето повторно раѓање, бидејки не се роди само моето дете, се родив и јас за првпат како мајка. На себе видов и осетив дека од сите триместри најмалку бев спремна за грижата за себе во постпородилниот период. Со зборови не се опишуваат сите позитивни емоции кои ги осетив, со раѓањето на моето бебе. Екплозија од љубов која за мене доби нова димензија и значење. Но, од друга страна телото ми беше во болка. И покрај тоа што бев активна во бременоста, секое муслулче ме болеше и при најмало движење во првите две недели. Доењето исто така беше предизвик само по себе, и после секој подој плачев од болка, додека не се воспостави тој процес. Тука доѓа плачот на бебето и фрустрацијата што не ги разбирав сеуште нејзините потреби. Неспиењето и честото будење исто така не се од помош. Дополнително од толкава љубов и одговорност такви мисли на страв и грижа ме преплавуваа на моменти, што главата ми чадеше. Дали ја донесов правилната одлука, дали да го послушам овој или оној педијатар (бидејќи сите си имаат свои ставови по секоја тема што на моменти се толку контрадикторни, и одлуката е на тебе како родител што ќе правиш)? Дали произведувам доволно храна за моето бебе? Дали телото ќе ми се врати и дали пак ќе се чувстувам убаво во својата кожа? Дали некогаш ќе спијам повеќе од два часа? Како ќе можам да се посветам на моите лични цели и планови? Овие мисли неколку пати ме доведоа до плачење. Но, сега гледам дека и тоа е во ред и сосема нормално. И наместо да дозволам да бидам “проголтана” од тие мисли јас решив да преземам мерки за мојата благосостојба. Фала богу што живееме во ера во која сите информации ни се достапни со еден клик. Можат да се прочитаат совети и искуства и за оваа тема. Јас применив некои од нив, но најмногу го слушав моето тело и одбирав активности со кои бев ускладена и ми носеа мир во моментите на немоќ. Ова се активносоте кои мене најмногу ми помогнаа полесно да поминувам низ целиот процес и да имам едно позитвно постпартум искуство.  

  1.  Топол туш два пати на ден. Ова многу ми помогна за релаксирање на телото што закрепнува.
  2. Кога сме кај закрепнување на телото мене организмот ми бараше топол оброк и моите ручеци и вечери беа супа, супа и само супа домашна и топла. И не прескокувајте оброци, на телото му треба многу енергија.
  3. Барајте помош. Доколу има кој да ви помогне барајте помош. Побарајте најблиските да преспијат првите недели кај вас и да ви помагаат за ноќното хранење, за бањање, за заспивање на бебето. А, најмногу барајте помош околу домот, бидејќи нема да имате време за домашните обврски. Јас сум преблагодарна на моето семејство за целта помош што ја имаме од нив и им симнувам капа на мајките на кои нема кој да им помогне.
  4. Разговарајте и гушкајте се со партнерот. Обавезно и задолжително. И вие и он поминувате низ огромни промени и прв пат сте родители. А родителството и партнерството не се 50:50, туку 100:100. Само со разговор за секоја дилема и заедничко носење на одлуките и гушкање во секој слободен момент, полесно се поминуваат првите недели и денови. Сопругот ми беше најголем фан и поддршка во овој период.
  5. Спијте кога бебето спие. Оваа клише реченица е толку употребувана, но во пракса вистина помага. Иако да не се лажеме невозможно е да спиете на секоја дремка на бебето. Јас преспивав по два/три пари по половина час во текот на денот што ми даваше сила за ноќноте будења.
  6. А паралелно со грижата на телото не ја заборавајте и грижата за умот. Зошто знаев дека нема да имам време да читам, јас во последниот месец од бременоста си извадив постпартум афирмации и си ги закачив на видно место за мене, така си се потсетував во текот на денот да бидам нежна кон себе.
  7. Прошетки на воздух. Секој ден гледав да излезам и да се раздвижам. 5 минути околу зграда ми беа доволни и за баланс на телото и за умот во првите недели. Како што поминуваше времето и дозволуваа временските услови само го зголемував времето помонстп надвор. Сега ми е омилена активност со моето бебе.
  8. Не се споредувајте со други мајки на социјалните мрежи и не го споредувајте развојот на вашето дете со други врсници. Овој совет го чув во некое видео и одбегнување на социјални медиуми во првите 3/4 недели беше една од најдобрите работи што ги направив. Зошто споредбата со друг не е добра во ниту еден период, а посебно може да одмогне и создаде непотребно дополнителен притисок во еден толку ранлив период.

 Напоменувам дека ова е лично искуство и дека споделувам како јас се грижев за себе во овој кревок период. Среќна сум што осетив позитивен постартум, преку кој станав посилна и ја научив првата и најважна лекција на родителството, а тоа е трпение. Се се учи, се се решава и се поминува.
Не заборавајте дека овој период пребрзо поминува. И непроспиените ноќи, и подочњаците, и неиспегланите алишта и несредниот дом и болките на телото. Нашите деца во својот живот најмалку ќе бидат бебиња. Затоа гушкајте ги, бакнувајте ги, мирисајте ги, имајте конткат кожа на кожа и гледајте ги како растат како мали цветчиња после секое хранење и спиење.

Со љубов од една мајка до друга…

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.