Home » Приказна за доењето, љубовта и дисциплината во животот на една мама

Приказна за доењето, љубовта и дисциплината во животот на една мама

by mamma.mk

Здраво, јас сум Ангела, мајка на тримесечната Кара. Откако ја прочитав статијата на профилот кај Сандра – mamma.mk.prenatal.education, односно нејзината приказна околу доењето, почуствував потреба да го споделам и

моето лично искуство . Длабоко верувам дека доењето иако природен процес ,може навистина да претставува голем проблем како за мајката така и за бебчето. Затоа е потребно да се посвети повеќе време и
внимание на самиот процес на доењето , за добротo на мајката и бебето. Накратко да ве запознаам со текот на бременоста пред да се осврнам на мојата посветеност да истраам со доењето на Кара.


Кара ми е прво бебе, односно ова ми е прва бременост и прво искуство. Целата бременост ја поминав во одлична состојба ,со благодарност кон сопственото тело кое издржа се, секоја промена што се случуваше како
внатрешно така и надворешно.Како фитнес тренер чувствував неизмерна благодарност што мојот ум и тело соработуваат и ми овозможија до самото породување без прекин да тренирам и да држам тренинзи со групи.
Самиот чин на породување помина неверојатно едноставно, лесно и со широка насмевка на лице кога ми ја ставија Кара на гради. Искрено верувам дека имав големо позитивно влијание од секоја медитација и
афирмација која си ја кажував во текот на бременоста, како и визуелизација на самиот чин до крај ,читајќи и следејќи ги инструкциите и за Hypnobirthing . По породувањето тридневниот престој во болница брзо
ми помина. Од првиот ден имав колострум , а веќе од вториот ден имав и млеко, но се уште бев неука во делот на доењето, што е и нормално, но имав и големи очекувања за кои ќе видите во текстот подоле.
Во болница Кара ја носеа повремено да се навикнуваме една на друга и не осетив тешкотија, ниту пак мака со доењето, но дента кога не испуштија и кога дојдовме дома – тука започна се. Целиот мој краток хорор околу
доењето, го велам хорор затоа што никој не ме спреми дека доењето може да биде толку тешко, толку макотрпно, толку комплексно, а јас од друга страна имав очекувања дека ќе биде ама баш вака: извади града – стави ја
Кара и одма ќе се нацица.

Самото тоа што имав неверојатно лесна бременост се до самиот чин на природно породување, ми направи уште поголема верба дека и доењето ќе биде така.
Во текот на бременоста покрај афирмации за породувањето, многу често правев афирмации за доењето, односно за млекото: ,,My milk will flow” , епа не беше баш така, не беше целиот дел така.
Моето млеко си пристигна нели, во огромни количини, јас пресреќна детево има да јаде и нема гајле, но за жал Кара ја имаше таа бебешка жолтица , а при отпустот никој не ме припреми дека бебињата со жолтица се поспани, тешко се будат, спијат премногу и немаат сила да цицаат! Јас тоа не го знаев неколку дена откако дојдовме дома!

Првата вечер во домашни услови мојот прв хорор!Си легнуваме , јас, Кара и сопругот, Кара почнува да плаче, да вреска, јас ја ставам на града , а таа НЕМА сила да повлече, јас ја притискам градата таа ништо, само се давеше
со млекото чиј млаз беше прејак за нејзе. И тука имавме драма таа плаче дека гладна, јас плачам дека не цица, а не цица зошто нема сила и така некои 30 минути, не знаевме главата каде ни е. Се јавивме во болница за
подршка и совет , а одговорот беше – гладна е ,купете формула и цуцла дајте му на бебето да јаде.
Го слушам тоа купете формула и не ми се верува што ми кажуваат, а истовремено чувствувам удар во гради и мисла Што не е во ред со мене и моето млеко? Навистина немам ништо против мајките кои носат одлука
да не ги дојат децата и да ги хранат со формула, како и разбирање за останатите кои поради ОПРАВДАНИ причини мора да преминат на формула . Ама мене во глава ми се вртеше само ова: Ангела колку млеко
имаш како сега формула, зошто формула, зошто Кара не сака да цица од кај мене, зошто имам млеко ако нема кој да цица……и така во шок илјада и една мисла ми се врти низ главата ,неспремност, неприфаќање и
одбивност при самата помисла и голем прашалник Како да и дадам на мојата Кара формула. Турната во круг на жал и тага, сепак решивме со сопругот на полноќ да оди да купи формула, да го нараниме детево, зошто
беше морничаво колку плачеше. И ајде заврши првата вечер, но што понатаму ?

И така речиси цела недела се измачував, јас плачам затоа што имам млеко, а бебуш нема доволно сила да го исцица, таа си плаче затоа што е гладна, јас плачам затоа што ја прихранувам со формула,млеко кое не е мое – држам цуцла ,а од градите ми капе млеко на прслук. Во тој период и сознавам дека бебињата со жолтица имаат потешкотии со будење, со цицање, тоа што го напоменав погоре. Таа информација за мене беше страшна , ја
доживеав трагично, бидејќи сакав да дојам, сакав на гради да ми спие, на гради да ми лежи, да се храни со мајчино млеко , бидејќи тоа млеко е полно со љубов!

Среќа, преголема среќа по некоја случајност пријателка ми ја кажува Јасна Апостолски – Николов, IBCLC –меѓународен сертифициран консултант за доење.Можам со сигурност да кажам да не беше Јасна, јас навистина не знам што ќе правев. Иако за сиот период на мојата агонија имав огромна поддршка од моите блиски,беа беспомошни во целиот процес. Затоа сум неизмерно благодарна за времето што Јасна го одвои и посвети за да ми помогне околу доењето со Кара. Најпрвин ми ја објасни целата ситуација околу жолтицата и ми олесна дека тоа е нормално да се случува, ми даде насоки и техники како јас да и помогнам да цица од мене, затоа што
периодот додека пиела формула од цуцла, Кара одбиваше на града да биде, си го бараше полесниот начин – цуцлата за да си се најаде. Тука беа пак моите епизоди на слабост и чувство на вина – зошто ја сака цуцлата, а не

мојата града? Охрабрена од Јасна решив цел еден ден цуцла да не и доближам до уста, туку јас со упорност да и стискам од градата и да и го држам главчето за да може да се наручка од мојата града. Исто така ми
покажа вежби за да и ја зајакнам на Кара вилицата и вежби за да почне да шмука посилно. И така секој ден по 4-5 пати вежби, колку пати на ден ја доев искрено не знам, затоа што постојано ми беше на града , малку по
малку, бидејќи немаше сила за повеќе…..но, не се случи се така едноставно, и немањето сила имаше последица.
Почнав да имам проблем со градите, и покрај сите масажи моите гради не омекнуваа, млеко ми течеше буквално скоро по цели денови и одлучивме да се измолзувам колку-толку да ми се испразнуваат градите после секое
цицање на Кара. Супер ми одеше неколку дена и таман си реков тргнаа работите, за да еден ден почуствувам болка во левата града, чудна болка а после некое време и црвенило, ама зошто не знаев што е, го занемарив.
До вечерта осетив некоја тежина во главата и вжештување во градата и кога се погледнав во огледало што да видам огромно црвенило и си помислив случајно да не имам мастит, затоа што мајка ми имала такво
искуство, па така и знаев за мастит. Со топломер мерам теммпература 39ка си рока, градата ме боли, ме кине. Одма и пишав на Јасна, и ми даде насоки што да правам, затоа што не беше проблем само градата, туку и
брадавиците на двете гради ми беа партал со рани, и покрај тоа што ги негував. После 4 макотрпни дена го снема маститот ,а јас бев среќна затоа што конечно почуствував леснотија во градите. Сепак, не завршивме одма
среќно и весело, Кара се уште не цицаше силно и се уште немаше доволно сила за да ми ги празни градите, па морав пумпа, масажа……за на крај да завршам со уште два пати фаќање на мастит и со огромни рани на
брадавиците и крварење. Секој мастит со температура. Всушност, три пати поминував со страшни болки, три пати дома може смешно да звучи ама имавме оцет центар – само за да не се трујам со антибиотици ,а бев упорна
да дојам и решена колку и да боли, колку и да ми се плаче и плачам од болка додека дојам , јас нема да се откажам.

Верувајте имаше моменти кога посакував да се откажам, да престанам да ги трпам болките кои ги имам додека дојам, но доволнно беше да го погледнам лицето на Кара и млекото кое капе спремно за неjзе, млеко
исполнето со љубов , одма ги исфрлав тие мисли и продолжував со доење , упорно и дисциплинирано како и за се во животот. Верував во нас двете и знаев дека нема теорија да се откажам.Целиов процес кој траеше месец и пол, мене ми се чинеше како вечност, ме измори толку многу , вложив многу повеќе енергија за разлика од оние
месеци додека ја носев и се прашував – Зошто никој не кажува дека доењето може да е толку комплицирано.
Но, еве денеска сме среќни и весели со Кара, се доиме и верувајте ми кога ќе ги видам тие очиња како ме гледаат додека ми лежи и јаде од гради, знам дека беа причината поради која не се откажав.

И да повторно би го поминала истото. Истиот пеколен процес ,пролеаните солзи, болка и секој врисок одвнатре вредеа за тој поглед, таа топлина и блискост помеѓу мене и Кара и за ништо не би го менувала на светот.

Ти благодарам Ангела за твојата искреност во раскажувањето на твојата приказна и се надевам твојата приказна ќе биде мотивација за многу мајки да побараат поддршка од консултант кога имаат проблеми со доењето, но пред се да се едуцираат за доењето уште во текот на бременоста, зошто има многу важни информации кои се поврзани со доењето а кои е добро да се знаат уште пред да се започне со доење за да се олесни целиот процес на доење и мајката да биде подготвена и да знае што може да очекува. 

Во курсот за трудници и курсот за развој на бебе од 0 до 6 месеци ќе најдете многу лекции кои се посветени токму на тема доење кои се од особена важност посебно во кога станува збор за прва бременост.  

 

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.