Home » Мојата приказна за доењето – Борбата против маститис, абцес и инцизија

Мојата приказна за доењето – Борбата против маститис, абцес и инцизија

by mamma.mk

Денес, после толку месеци откако ви ја ветив, конечно ќе ја раскажам мојата приказна за доењето на Јоана и борбата со маститис и абцес.

Ова е моја лична приказна и сопствено искуство така да оваа приказна е само мој поглед и лично доживување за истото. Според мене доењето не е само акт на физичка храна,  тоа е нежна и емотивна врска која се создава помеѓу мајката и бебето. За мене, доењето е многу повеќе од задоволување на физичките потреби на бебето – тоа е искуство на љубов, нежност и безгранична поврзаност.

Секој пат кога се доиме, чувствувам како се создава една уникатна врска помеѓу нас. Тоа не е само хранење, туку момент на интимност и размена на љубов. Гледајќи го лицето на Јоана, не можам, а да не го забележам она магично чувство на безбедност и сигурност што се исцртува во нејзините очи.

Имаше голема разлика во двете мои приказни за доење. Доењето на Елена, како прво детенце, ни започна доста лесно, природно и имавме убава доенечка приказна. Беше на ексклузивно доење до 6тиот месец, а потоа продолживме да се доиме до 16 месеци. Доењето, иако чудесно искуство, знае понекогаш да биде проткаено со предизвици кои можат да го тестираат нашето тело и нашата емотивна и психичка состојба. Моето лично патување со доењето на моето второ детенце Јоана, беше прекрасно искуство, но морам да признаам дека поминавме доста тежок период исполнет со предизвици.

Јоана на почетокот правеше поплиток фат на градата и иако се трудевме да ја поправиме позицијата и фатот за жал ми се направи рагада на едната града. Малку подоцна добив и маститис. Веднаш исконтактирав со Јасна Апостолоски- Николов IBCLC – меѓународно сертифициран консултант за доење, од Здраво Бебе , на која сме и вечно благодарни за сета поддршка која ни ја даде во текот на доењето и благодарение на нејзината поддршка и совети брзо поминавме низ тој период. Но, за  некоја недела состојбата се повтори. Се јавија симптоми на маститис –  треска, температура, симптоми на грип, полекa почна да се јавува и грутка во градата и зацрвенување. Температурата беше доста висока,  се качуваше 38,8 па и до 40 степени. Веднаш се исконсултирав со гинекологот за да ја објаснам ситуацијата, првичниот одговор беше да почекаме ден, два, но како што напредуваа симптомите на мое изненадување пораката што ја примив беше разочарувачка за мене. Гласеше – дојди во ординација да препишеме апчиња за прекин на доење 🙁 . Јас се искрено се разочарав, не ми беше на крај памет да прекинам со доење, особено ако не сум пробала на ниеден начин да ја решам ситуацијата. Повторно се исконсултирав и со Јасна,  која беше моја водечка светилка и поддршка во ова искуство. преблагодарна сум за сите нејзини совети и поддршката бидејќи навистина беше тежок период и психички и физички.

Но, и покрај почетните консултации и лекарска грижа, маститисот продолжи да напредува.

Според предлог на лекарот, започнав со антибиотска терапија, но на моја голема жалост, се појави и апцес.

Ако се прашувате што е абцес?

Абсцесот на дојката е болна колекција на гној што се формира во градите. Повеќето аbсцеси се предизвикани од бактериска инфекција и најчесто се јавуваат како компликација на маститис.

Абцесот не допринесе само со физичка болка, туку и со емотивно тежок период, температурата не се симнуваше и се чувствував депримирано, изморено и психички силата ми висеше на конец. Но, со решителност и поддршка, го премостив овој предизвик. Се уште се сеќавам дека многу од вас ми пишуваа охрабрувачки зборови, можеби тоа не изгледа како многу, ама во тие моменти не можете да замислите колку вашата поддршка ми помогна. Ви благодарам на сите за тоа.

Отидов на ургентно, каде што ме прегледа хирург и установи дека се работи за маститис но, дека нема сеуште изгледи на абцес. Ми препорача да продолжам со антибиотикот и контрола по неколку дена. Сепак за неколку дена веќе беше доцна, по контролата следеше ехо на кое беше установено дека се појавил абцес од 8 cm.

Препораката од лекарите беше да започнам хранење со формула бидејќи голема е веројатноста дека нема да продолжиме со доење. Тогаш на страната на мамма.мк го споделив моето искуство и за моја не голема утеха неколку искуства што ги добив беа дека по направената инцизија мајките прекинале со доење. Искрено не бев подготвена психички да прекинам со доење, сакав барем неколку месеци да продолжиме со ексклузивно доење, тоа беше моја лична желба и повторно ќе се заблагодарам на Јасна која ми помогна да се охрабрам и да ја остварам оваа желба, иако ми изгледаше на моменти невозможно, поддршката и од семејството ми значеше премногу. Најпрво се обидоа да направат аспирација со игла (иако можеби звучи страшнно, но не беше болно) за да ја извлечат течноста од абцесот,  но за жал не беше успешно и ми закажаа инцизија за утредента.

Ако се прашувате што е инцизија?

Инцизијата е хируршка процедура при која може да се стави локална анестезија (не беше воопшто болно со анестезијата) и се прави мал засек на градата со цел да се ослободи од абцесот. Процедурата воопшто не беше пријатна, но беше неопходна за моето здравје . за сето ова време бев под терапија од антибиотик.

Додека траеше процедурата, две недели скоро секој ден или секој втор ден одев на преврски. Во тој период, ја доев Јоана само од една града. Беше тешко и болно, но ни во еден момент не би го заменила искуството на доење, само поради овој предизвик. Со многу поддршка од лекарите, семејството и пријателите, успеавме да го пребродиме овој тежок период и пресреќна сум поради тоа.

Периодот не беше тежок само за мене, туку и за моето семејство зошто јас бев исрпена и фокусирана како да го решам овој проблем, а на моменти ми изгледаше како дека не можам да го издржам сето тоа,  а за тоа време сопругот ми помагаше, ме поддржување и надоместуваше за вниманието на Елена кое на моменти не можев да и го посветам.

Овој зафат со се терапијата се на се траеше 3 недели, но со постојаната љубов и поддршка, Јоана и јас продолживме со нашето доење. Решив да ја раскажам оваа приказна бидејќи кога ми се случи, не можев да најдам приказна за абцес која завршуваше со среќен крај за доењето, за да се охрабрам и мотивирам, па затоа сакам да ви кажам дека  абцес или инцизија се предизвици кои можат да се надминат со поддршка и може да продолжите со успешно доење. Она што би сакала да ви го порачам е да побарате навреме помош од консултант за лактација, во мојата приказна, да не бев упорна и да не побарав помош и поддршка,  уште веднаш ќе завршевме со доењето.

Искуството на маститис и абцес беа предизвици, но ние излезовме подобри и посилни. Ова искуство ме научи дека смелоста и посветеноста на мајката се несогледливи сили, способни да ги пребродат сите препреки на патот кон мајчинството.

Доењето за мене беше една невидлива нишка на љубов и доверба, тоа е нешто што не можам да го објаснам со зборови. За мене тоа е време кога се создава интимна рамка само на мама и бебе, момент во кој се забораваат сите други обврски и проблеми.

Бидејќи секој допир и нежност кон моето бебе станува дел од денот, доењето станува ритуал на блискост и љубов. Тоа е начин на изразување на мојата нежност и грижа, а исто така и начин на развивање на нашата специјална, емотивна поврзаност. Во овие моменти се радував доколку успееме да продолжиме да се доиме барем уште еден месец, а на мое изненадување продолживме и повеќе од една година…

Нашата приказна за доење заврши пред неколку недели, но тоа ќе го раскажам во една нова наша приказна.

Мамички знам дека периодот понекогаш може да биде тежок, исполнет со препреки и предизвици, така што, барајте поддршка, драги мамии, доколку сметате дека тоа е она што го сакате, прифатете ги овие предизвици како дел од вашиот единствен и прекрасен пат на мајчинството.

Со љубов и поддршка,

Ваша Мамма Сандра

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.