Home » Мојата приказна за забременувањето

Мојата приказна за забременувањето

by mamma.mk

Прекрасна приказна за патот до бебенце од нашата мила мама…

Нашата приказна за тоа како го добивме Давид започна откако после 3 години неуспешно забременување по природен пат се одлучивме да тропнеме по вратите низ клинички центар.

Три години се тешев дека ете можеби сум го погрешила датумот на овулација, па пробував со стапчиња за овулација да го најдам најплодниот ден но залудно, секој тест беше негативен.

Самата помисла дека ќе морам да тропнам по вратите низ клиника ми правеше да ми се превртува нешто во стомакот. Помислата и стравот ако дознаам дека имам некој проблем и нема да можам да останам бремена ми го кинеше срцето уште пред да појдам по тој пат, и тоа беше и причината поради која одложував подолго време.
Иако никогаш немавме проблем од помислата да си посвоиме детенце, сепак е неизбежно како жена да се почувствуваш разочарано.

Ги направивме сите можни испитувања со сопругот и за наша среќа добивме убави вести, дека се е во ред со двајцата, но бидејќи три години активно се обидувавме не пратија на инсеминација.

Првата инсеминација беше многу стресна за мене. Не знаев што да очекувам и имав голем притисок којшто си го ставив сама на себе. Бидејќи најблиските знаеа, чувствував голема тежина да им соопштам убави вести.

За жал, тој месец добив циклус и како сега се сеќавам дека ме стегаа градите колку силно плачев.

Во еден момент се сеќавам дури си помислив дека подобро ќе беше да се најдеше некој проблем па ќе работевме на тоа да се реши, а вака нема никаков проблем а сепак негативни резултати…

Сфатив дека не е битно дали е прва инсеминација или трета, дали е прво инвитро или десетто… неуспешен обид боли и не може поинаку.

Колку и да ве советуваат и кажуваат како не треба да се натажувате, не треба да плачете и дека се ќе биде во ред, важно е и да не ги потиснувате емоциите. Тешко е и само вие знаете низ што поминувате затоа што секоја приказна е различна.

Не се чувствувајте слаби само затоа што солзите не се запираат, знајте дека сте силни со самото тоа што сте почнале да го одите патот за еден ден си ја гушнете љубовта на вашиот живот.

Ќе си плачете силно и ќе се молите уште посилно.

Тоа е нормален процес и од тоа нема заобиколување и пократок пат.

За втората инсеминација знаев дека треба да се опуштам и да поработам малку на себеси и својата психа. Веднаш по инсеминацијата заминавме во Охрид со кутрињата. 

Ако имате нешто што безусловно ви дава позитивна енергија сега е времето да не се двоите ☺ 

За мене тоа е моето куче Нала ☺

Photo credit: @nallathepittie

Photo credit: @nallathepittie

Втората инсеминација беше успешна но од пусти страв не се израдувавме на позитивниот тест ☺ Бевме збунети и отидовме веднаш на гинеколог ☺

Можам да кажам дека конечно се израдувавме дури во четвртиот месец бидејќи во 8ма недела прокрварев и само што се среди тоа ми беше дијагностицирана хиперемеза гравидарум. 

За сите како мене што никогаш не слушнале за тоа, трудничката хиперемеза  (Hyperemesis Gravidarum ) се јавува кај околу 3% од трудниците и е хронично повраќање кое може да доведе до дехидрација.

Дијагнозата се поставува клинички со мерење на кетони во урината.

Ако си и ти една од оние девојки што се плашат да тргнат по тој пат на безброј испитувања и тестови знај дека не си сама. За жал во денешно време дури е невозможно да сретнеш 10 девојки кои го немаат овој проблем. Барем една во десет ќе го помине тој пат.

Photo credit: @nallathepittie

Главата горе, ти си силна, ти си моќна, ти си жена и ќе бидеш најдобрата мајка на светот!

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.