Home » По 3.5 год борба со стерилитет забременив со близначиња ❤️

По 3.5 год борба со стерилитет забременив со близначиња ❤️

by mamma.mk
Зачнување..ух, 3.5 год борба со стерилитет, трчање по гинеколози, испробување на секакви варијанти, со следење циклус, со хормонски апчиња, со инекции да распука фоликулот…со темпирани односи и премногу притисок. Но од едно испитување кон друго, ми открија висок инсулин, да, инсулин, па препишани метформин апчиња. Ослабнав 10кг за 3 месеци. И секако режим на исхрана, без благо и бели печива. Но, уште немаше резултат за бебе. Потоа решивме дека ќе одиме во Плодност кај др. Таше. Отидовме таму, направивме дополнителни испитувања, ни препиша терапија и ни рече да се вратиме за 3 месеци на контрола.
Ние се вративме за месец и пол, бремена со близнаци. ❤️
Бременост…бременоста ја поминав во главно во ред, без компликации, со многу внимавање и лежење превентивно дека две. Примав прогестерон цела бременост, исто превентивно, заради крварење во 11та недела. Потоа во 28ма и 34та мислам примав инекции за зреење на белите дробови. Се породив во 36+2 со царски рез.
Родилно искуство…отсекогаш сум мислела дека ќе се породам спонтано, нели, но ете кога дојде време јас да станам мајка, јас забременив со близнаци. И тука шансите за спонтан пораѓај се намалија..и кога некој ќе ми спомнеше: царски, јас имав толкава одбивност, чудо. И цело време велев дека ќе се породам спонтано. Но, кога дојде време за да се пораѓам, доктор рече дека не сум ни мм отворена, дека бебињата не се наместени со главчињата надолу и дека немаме време да чекаме.
Мора да се породам со царски. Почекавме само да влезам во 36та недела. А психички за операцијата ми помогна многу золва ми, таа работи како анестезиолошка сестра. Цело време ми кажуваше како секој ден има најмалку по 4 операции, како се поминува супер, како докторот има многу искуство..итн, и така малку се опуштив. За среќа се помина во најдобар ред. И брзо се опоравив. Ми велеа дека после царски рез, штом дозволи докторот, да станувам, што почесто и повеќе да се движам. Така побрзо се опоравуваш.
Доење…тоа некако ми е по малку болна тема..мноогу сакав да ги дојам бебињата. Цело време гледав на нет перници за доење, како би можела тоа да го изведам со двете наеднаш..и сл. Но, кога се породив и кога почна да ми доаѓа млеко, прво во болница го доживеав некако, трауматично. Бебенце мало, дојка голема, тоа плаче гладно, сестрата упорно ми го притиска на дојката, фаќа да цица но не му доаѓа ништо, оти нели треба да тргне неколку пати дури да му надојде млеко, тоа уште повеќе се нервира. И на крај завршува на шише..никој не ми објаснуваше како всушност функционира самото доење, се некако беше насила, со форсирање…дури вечерта пред да си одам ми дадоа пумпа да се молзам, за да ми излезат пупките, да можат бебињата да цицаат…Кога дојдовме дома, пробував да ги дојам, де ќе фатеа, де не им беше доволно млеко, де двете ќе плачеа во исто време, а не беа навикнати да цицаат од мене. Во меѓувреме се молзев и наместо да имам се повеќе млеко, тоа идеше се помалку.. и осеќав дека немам, дојките си спласнаа, немав ни натеченост ни мака ни проблем.
Децата ги израснав со формула. Сега имаат 13м, јадат се, пијат и млеко но не толку често 🙂 .
Некогаш во животот не излегуваат работите како што сакаме или како што сме очекувале, затоа секогаш треба да сме спремни на се, и подготвени за план Б, па и В 🙂 за да не се разочараме ❤️

Поврзани мислења

×

Користењето на овој курс е дозволено само за лицето на кое му е одобрен пристапот и секакво споделување на тој пристап ќе се смета за повреда на правата на интелектуална сопственост на Друштвото за услуги МАММА ПРЕНАТАЛ ДООЕЛ, Скопје.

Секакво споделување, преснимување, преземање или користење на материјалите надвор од рамките на е-курсот, ќе се смета за повреда на правата за интелектуална сопственост на МАММА Пренатал и може да вклучува правни мерки за истата.